Писмена работа на тема “Сердарот“ од Григор Прличев

   Григор Ставрев Прличев е еден од најистакнатите македонски поети кој живее и твори за време на романтизмот во XIX век. Покрај медицинските студии во Атина, тој се занимавал и со просветна и учителска дејност а е и добитник на грчкиот конкурс за најдобра поема на грчки јазик за делото “Сердарот“ кое му донело извесна парична добивка како и ануалниот ловоров венец.
   „Сердарот“ (грчки: “О Арматолос“) започнува прикажувајќи ја бедната и незавидна положба на македонскот народ кој континуирано бил напаѓан, убиван и ограбуван од страна на непријателските Геги (Албанците). Меѓу редовите на  македонската одбрана бил и Кузман Капидан околу кој кружи целата содржина на поемата а кој е загинат уште од почетокот.
Поемата во првиот дел ја прикажува и Кузмановата мајка-Неда која загрижено седи во семејната куќа и го очекува својот син додека нејзината интуиција наговестува лоша вест. Претходната ноќ таа сонува сон како куќата се руши и последната надеж за нејзе била најсилната греда која при крајот на сонот се срушува и ја остава семејната куќа во рушевини. Најсилната греда го претставува нејзиниот син којшто по долга борба со Гегите го положува својот живот за својата земја. Кога дознава за смртта, Неда испушта болни викотници по својот син, фрлајќи ја марамата на земја и кубејќи си ги косите. Брзо совземајќи се, таа ги предупредува македонските селани да се скријат бидејќи сега нема кој да ги штити.
Гегите, иако непријатели на македонското население, го носат на раце починатиот војник, оддавајќи му почит. Во една прилика, еден од нив ветува на Кузмановата мајка дека таа нема да биде повредена или навредена од страна на останатите Геги, но таа сеуште придржувајќи се кон своето достоинство и љубовта кон својот народ одбива да го прифати ветувањето барајќи спас за сите македонци.
Од друга страна пак, Кузмановата свршеница-Марија само ја потврдува својата доживотна љубов кон Кузман кога се закалуѓерува, откако ја губи сета надеж за животот кој ја следи.
   Прличев со ова дело успева да допре до читателите многу добро отсликувајќи ја положбата на македонскиот народ. Преку животот и делото на Кузман Капидан можеме само да замислиме какви жртви биле положени за слободата на една земја и еден народ, оставајќи ги своите семејства горчливо горди и завиени во црно.
 .


Вера Петкова

2 comments: