„Чичко Горио“ од Оноре де Балзак претставува роман напишан во времето на реализмот а и самото дело претставува приказ на едно општествено уредување засновано на материјалниот статус. Бидејќи реализмот има за цел вистинито да ни укаже за условите и суровите вистини во тогашна Франција, ние можеме да забележиме дека многу од тие норми сеуште се присутни во XХI-от век.
Во овој роман се испреплетуваат приказни на три индивидуи кои во еден период од својот живот се поврзуваат меѓусебно и ги спојуваат своите приказни. Авторот ни го опишува пансионот во кои тие престојувале, и како тој бил поделен по спратови во зависност од материјалната состојба на пансионерот па така на најдолниот спрат престојувале побогатите а респективно на најгорниот - оние кои имале најниски примања. Ежен де Растињак бил млад студент кој поради своето образование дошол во Париз. На истиот кат престојувал и господин (подоцна кога осиромашел го нарекувале само чичко) Горио кој бил поранешен фабрикант за тестенини и трговец со брашно.
Де Растињак, воден од својата желба да навлезе во пошироките кругови на општеството, ја посетува својата тетка г-ѓа де Босеан која се согласила да го запознае со луѓе со повисок ранг.
Тој во меѓувреме ја запознава г-ѓата Анастасија Де Ресто на еден бал за кој разбрал од својата тетка, таа го поканила да намине во нејзиниот дом а тој токму тоа и го направил. На денот на неговата посета, во домот бил присутен и мажот на Анастасија па тие долго разговарале за теми како што биле војната и како нивни заеднички познаници учествувале во неа. Во еден дел од разговорот тој споменува дека го познава господинот Горио, а реакцијата на двата сопружници не била како што би се очекувало. Откога Ежен раскажал дека тој живее во истиот пансион како и таткото на грофицата и дека го познава, вратите во куќата на Де Ресто засекогаш се затвориле - тој повеќе не бил добредојден. Зачуден од оваа необична појава, тој го споделува истото со господинот Горио кој желно очекува детали за благосостојбата на својата ќерка и дали таа е задоволна од животот што го живее.
Како што раскажува пријателката на г-ѓа Босеан, господинот Горио не се претпоставувало дека ќе заврши во пансион кој не е надалеку познат и е од најнискиот слој во општеството бидејки всушност, тој бил прилично богат трговец кој после смртта на својата сакана сопруга, останал со две ќерки за кои тој правел се само да ги усреќи. Им ги остварувал сите желби за тие да не го почувствуваат недостатокот на својата мајка а тоа го довело до многу лоша материјална состојба за која и тој самиот не бил свесен - или можеби едноставно не го интересирало се додека неговите ќерки се среќни.
Младиот студент заедно со својата роднина, во една прилика ја запознава госпоѓицата Делфина, која била втората ќерка на господинот Горио. Таа била омажена за барон, навидум материјално стабилна и тој веднаш се заљубува во неа. Тој ја посетува нејзината ложа во театарот и ги искажува неговите намери а таа ги прифаќа како жена која не е добро третирана од својот маж. После враќањето, тој му раскажува на Горио дека ја запозал неговата втора ќерка и тој бликал од радост кога дошол до сознание дека таа била во театар и не и недостасувало ништо. Вистината е дека, и обете ќерки живееле несреќен живот. Анастасија де Ресто западнала во долговите на својот љубовник при што морала да ги продаде скапоценостите за да го отплати долгот, отакако за ова разбрал нејзиниот сопруг, ситуацијата се влошила.
Во меѓувреме, во оваа семејна драма се приклучува господинот Вотрен, исто така еден станар во пансионот на г-ѓа Вокер. Тој ја разбира желбата на Ежен да се обогати па со доза на лукавост му предложува одличен план. Имено, една од претходно споменатите пансионерки - Викторина Тајфер била несреќна девојка која била отфрлена од својот татко а целото негово наследство останало на нејзинот брат. Господин Вотрен ја искажал својата спремност тој да го убие нејзиниот брат, за Викторина Тајфер да добие големо наследство а за возврат на тоа, Ежен би се оженил за нејзе за да го поделат нејзиниот мираз. Збудет од оваа необична понуда тој воопшто не одговара туку му треба време да го смисли одговорот, па Вотрен го чека неговиот одговор.
Ќерките, Анастасија и Делфина, воопшто не се грижеле за состојбата на својот татко па единствениот повод за нивната посета во пансионот била потребата за пари кои тој секако им ги овозможувал. На почетокот на неговиот престој тој престојувал во најубавите соби во пансионот, но со текот на растењето на потребите на своите ќерки, овозможувајќи им ги сите удобства, тој се нашол себеси во незавидна ситуација, во соба која не прилега на татко на грофица и бароница.
Лудо вљубен во Делфина, Ежен не обрнувал внимание на тоа дека му должи одговор на Вотрен и неговата нечесна понуда па во една прилика, кога сите станари заедно се забавувале и дружеле во кујната, биле опиени и заспани (најверојатно од страна на господин Вокер) па наредното утро сите спиеле до покасно напладне. Кога се разбудиле, низ пансионот се раширила веста дека братот на Викторина Тајфер починал за време на двобој. Впрочем, полицијата имала оправдани сомнежи дека пансионерот Вотрен не се претставувал со својот вистински идентитет туку тој бил Жан Колен - криминалец и убиец во бегство.
Двајца од останатите пансионери, господин Поаре и госпоѓа Мишоно имале понуда од полицијата да откријат дали навистина се работи за криминалец или пак тој бил само неоправдано осомничен. Опивајќи го, госпоѓа Мишоно го легнува на неговиот кревет го бара белегот кој бил пресуден за оваа одлука. Испоставувајќи се дека тоа бил навистина Жан Колен (наречен и Лажи-Смрт) не поминало долго време додека тој да биде уапсен.
Ежен де Растињак и Делфина пак, со помош на чичко Горио, пронаоѓаат мал стан за да живеат во него заедно.
Кулминацијата на ова дело се случува кога, двете ќерки го посетуваат нивниот татко Горио поради нивните веќе познати потреби. Но, тие двете не се поднесуваат меѓусебно па меѓу нив настанува караница која чичко Горио тешко ја поднесува молејќи ги двете девојќи да се сакаат и да се смират. Во наредните денови неговата состојба премногу се влошува, а единствениот кој се грижи за него е верниот студент. Знаејќи дека ова се неговите последни мигови и дека тој најмногу од се на светот би сакал неговите две ќерки да се до него, Ежен прво лично го посетува домот на Де Ресто но тој не е примен поради кавгите помеѓу ќерката и нејзиниот сопруг. Другата ќерка, Делфина, воопшто не стигнала бидејки, како што образложува самиот автор, таа се онесвестила и состојбата и била лоша.
Чичко Горио починал сам во присуство на другарот на Ежен кој студирал медициа и се грижел за него и самиот Ежен. На денот на неговиот погреб за кој впрочем двата студенти едвај пронашле пари да го организираат, немало ни трага од неговите ќерки. Ежен забележал две коли како се наближуваат до местото на погребот, но последната надеж пропаѓа кога од нив излегуваат само нивните слуѓинки на кои им било кажано да оддадат почит место нив.
Ежен де Растињак ја губи вербата во човештвото и основното чувство на емпатија на луѓето, но како што и самиот автор на крај кажува, тој сепак после погребот се упатува кон куќата на Делфина за да стигне на вечера.
Заклучок:
Авторот го завршува овој роман со упатувањето на Ежен на вечера кај Делфина, посочувајќи ни на одлуката на Ежен да ја прифати смртта и да продолжи понатаму со својот живот и со своите цели - не осврнувајќи се на грубоста на некои луѓе и несреќата на другите.
Овој роман ни ја прикажува суровата реалност во тогашното општество која била заснована на пари, имот и богатство а не на семејните вредности, љубовта и разбирањето. Исто така, може да се забележи какви чекори се одлучуваат луѓето да направат со цел да бидат заприметени од побогатиот слој и да бидат прифатени (понудата на Вотрен, продажбата на семејните дијаманти на Анастасија). Чичко Горио бил само еден од многуте жртви на ова општество кој ја дал својата последна пара за неговите ќерки да се чувствуваат добро. Можеби настаните би одбрале поинаков тек доколку тој сфател дека парите се релативно добро, а љубовта и воспитувањето кој еден родител треба да ги приушти на своите деца се вредности кои ќе траат за навек.
Кликни тука за белешка за авторот.
Опис на ликови:
Ежен де Растињак - еден од водечките ликови. По природа скромен и добар човек, чесен и лојален (својата лојалност ја докажува се до последните мигови од животот на чичко Горио). Очајно сака да влезе во повисоките кругови но тој и самиот има карактер кој му доликува на еден благородник.
Чичко Горио - навидум досаден и не толку интересен лик кој го губи сето богатство на желбите и потребите на своите алчни ќерки. Кроток, добар но и наивен старец кој е заслепен од родителската љубов.
Вотрен (Жан Колен) - притаен измамник кој умеел да комуницира со останатите. Чество добивал пофалби за отмен човек, издржлив и со добра доза на хумор но под таа маска се криел криминалец во бегство чиј интерес биле парите. Тој знаел како да манипулира со останатите и да го добие тоа што го сака.
Викторина Тајфер - несреќна млада пансионерка напуштена од својот татко која има притаени симпатии кон Ежен. Таа е срамежлива и кротка но сепак многу грижлива личност.
Делфина - помладата ќерка за која Ежен имал впечаток дека е за нијанса подобра од својата постара сестра. Плени со својата убавина, бело лице и извајано тело. Таа имала руса коса која ја правела уште повпечатлива.
Анастасија - постарата, црнокоса ќерка во чиј интерес е да извлече колку што може повеќе средства од својо татко. Била бесчувствителна и неемпатична, со голема доза на љубомора кон својата сестра.
Госпоѓа Вокер - сопственичката на пансионот која при доселувањето на господин Горио дури сакала да се омажи за него поради неговата материјална состојба и благороднички изглед. Нејзина најистакната карактеристика е големиот интерес кон парите.
No comments:
Post a Comment