Романот започнува со седенка на која присуствуваат домаќинот на куќата и гостите Сергеј Николаевич и Владимир Петрович. Пробувајќи да изнајде интересна тема за разговор, домаќинот предложил секој од нив да ја сподели приказната и доживувањето на својат прва љубов. Откако Сергеј и самиот домаќин признаваат дека тие не можат да се пофалат со возбудливи и романтични приказни. Владимир Петрович, чиј ред најпосле дошол, се досетил на својата прва љубов која била вредна за споделување. Иако двајцата другари настојувале тој веднаш да ја раскаже, ложите и недетални раскажувачки способности на Владимир биле причина тој да предложи да ја напише својата приказна осврнувајќи се на сите детали и подоцна да ја сподели. Покрај неуспешните обиди, тие конечно се согласиле а Владимир Петрович го исполнил својот збор на нивната следна средба после две недели.
Тој бил шеснаесет годишно момче кое живеело во Москва со своите родители и неколку куќни помошници во вила кај Калушкиот буднар наспроти место наречено Нескучни. Во тој период, куќата во соседството ја населиле две кнегињи - мајка и ќерка со својот помошник Вонифатиј. Во една прилика, Владимир шетајќи се по патеката која ги одделувала неговата куќа и куќата на неговите нови соседи, тој забележал група од пет млади луѓе од кои четворица мажи и една девојка. Четворицата мажи се забавувале додека девојката им удирала по челата со цветови кои при допир пукаат. Забележан од нивна страна како ги набљудува, тој засрамено се повлекол во својата соба одлучно размислувајќи дека треба да ја запознае младата кнегиња.
Во неговиот дом, неговата мајка примила писмо во кое постарата кнегиња, мајката, ја замолува за услуга, но таа при лошо расположение го праќа сина си Владимир во куќата на соседите за подробно да се запознае со деталите. Облечен пристојно, тој влегува во куќата на кнегињата и по краток разговор со неа тој ја здогледува Засекина - девојката која претходно ја забележа за време на својата прошетка. Таа била млада девојка, постара од Владимир со златно руса коса и витко тело. Запознавајќи се со неа, таа го повикува во нејзината соба за промош при расплетување на клопче од црвена волна. Набљудувајќи ја оваа занесна појава, младото момче се впушта во нејзино анализирање и со секој изминат момент тој се повеќе бил зашеметен и восхитен од нејзината убавина и става како и начинот на кој се носи себеси. Оваа занесна ситуација е прекината од посетата на Виктор Игорович Беловзоров кој и подарува маче на Зинаида а во неговата појава Владимир препознава еден од ликовите кои ги виде тој ден околу Зинаида.
Владимир одлучува да ја посети Зинаида во нејзиниот дом па бил видно зачуден кога во салонот ја затекнал неа заедно со неколку мажи како играат игра а откога бил забележан таа го повикала и го претставила пред присутните. Тоа биле грофот Малевски, Лушин кој бил лекар, поетот Мајданов, каметанот Нирмацки и веќе спомнатиот Беловзоров. Владимир ја опишува оваа вечер со сета своја поетичност, раскажувајќи дека тие играле игри до доцна, пиеле и се забавувале по што настапил неодминлив умор кај присутните. По завршувањето на собиранката, Владимир останал подолго во својата соба размислувајќи за бунилото и необјаснетите внатрешни чувства кои го обземале.
Во деновите кои следеле, Владимир неминовно си признал себеси дека тој веќе не е она шеснаесет годишно момче чии љубовни сфаќања биле само мисловен и апстрактен поим. Но, би било добро доколку тој имал само спокојни мисли. Впрочем, него го измачувала помислата дека тој не бил единствениот кој имал отворени симпатии кон младата кнегиња туку и дека тој бил најмладиот меѓу нив што му придонесувало тој да се чувствува се повеќе безнадежно и збунето. Зинаида била кокетна девојка, не се препуштала на емотивните доживувања за што и самата била свесна. Владмир признава дека таа си играла со него, се шегувала не обрнувајќи внимание на неговата чувствителност и разгорени емоции.
Во една прилика, тој ја затекнува потпрена на тревата со несекојдневен тажен израз на лицето, бледа и уморна. Таа преку разговор му признава дека и е смачено и тешко и дека би побегнала од таму, но не му дава концизен одговор зошто е тоа така. Од тој ден, промената кај Зинаида станувала се по воочлива а самиот Владимир со сета своја љубов се обидувал да ја одгатне таа непредвидена мистерија подготвен да направи се за да ја развесели и да ја врати старата Зинаида воочувајќи еден непогрешлив податок - таа се вљубила, но во кого?!
И покрај констатациите дека таа темелно се променила, мал дел од нејзината флертувачка природа останува во нејзе кога таа го бакнува Владимир во знак на благодарност откога тој скоскнал од висока карпа на нејзино барање како потврда за неговата љубов. Младото момче и неговите постапки биле вистински приказ на сите дела за кои се спремни младите за да го оправдаат своето заљубување. Најдобра импресија на младото момче му оставил Лушин кој не само што бил искрен туку делувал и како потполно да ја разбира состојбата на Владимир и добронамерно го советува да не подлегнува на лажлвите емоции.
Во една прилика, Владимир се одлучил да ја одгатне мистеријата на заљубената Зинаида, па опремувајќи се со остро ноже и точно на полноќ излегол во својата експедитивна мисија. По долго време исчекување и премислување дали да го напушти местото, тој слушнал чекори кои оделе право кон него. Тоа бил неговиот татко, кој патем не го заприметил, како поминува покрај него оставајќи го сина си во потполна умствена затапеност. По овие случувања, еднаш тој засегнал ретка појава во својот дом каде откако се распрашал кај послугата, дознал дека неговите родители имале тешка караница при што неговата мајка одбивала да јаде и била децидна да се преселат на друго место. Подготовките за преселба течеле бавно, а Владимир решил да ја посети Зинаида и да го каже своето збогум. Бакнежот кој го добил од неа било искуство за кое тој знаел дека никогаш нема да се повторил, па се препуштил на искусување на моментот. Неговото мислење дека тој никогаш нема да ја види Зинаида наишло на препрека од судбината. Еден ден тој тргнал да јава заедно со својот татко кој бил искусен јавач при што му кажал на сина си да го почека и да ги причува коњите. Не успевајќи да одолее на својата љубопитност тој го следел својот татко и наишол на глетка која го оставила стаписан. На прозорот од една куќарка, тој разговарал со жена чиешто лице тој веднаш го препознал. Во даден момент, Зинаида ја испружила раката низ прозорецот а неговиот татко силно замавнал со камшикот по неа а потоа влегол во куќата. Помислите дека неговата Зинаида ја тепаат го преплавиле момчето и тој веднаш се вратил кај коњите. Во миговите кои следувале, неговиот татко дошол не приметувајќи ги солзите на својот син. Од тој настан, после два месеци тој се запишал на универзитет а кратко потоа и неговиот татко се разболел и во во неговит крајни дни плачел и ја молел жена си за нешто. Починал оставајќи писмо му кое гласело: „Синко мој, бегај од женската љубов, плаши се од таа среќа, од тој отров“... По смртта, неговата мајка испратила многу пари назад во Москва.
Завршувајќи го универзитетот и сеуште одлучувајќи од каде да ја започне својата нова животна авантура, тој го среќава веќе ожнетиот Мајданов. Тој пак, му пренесува дека Зинаида Засекина веќе станала Зинаида Долска мажејќи се за некој угледен маж и негов пријател. Споделил со него дека таа моментално отседнувала во Петроград пред да се пресели во странство, давајќи му ја нејзината адреса. Владимир бил одлучен да ја посети, но таа одлучност исчезнувала секој ден се повеќе за на крај, после две недели ја посети оваа адреса и дознае дека пред четири дена, Зинаида Долска починала при породување.
Избледените сеќавања на неговата прва неостварена љубов му биле се што преостанало од Зинаида кога веќе не стигнал да ја посети во нејзините крајни денови. Болката, иако дамнешна, и деталното присетување на сите настани биле цврст доказ за истрајноста на првите бранови на љубовта кај една млада личност како и бесценети спомени кои остануваат длабоко врежани потсетувајќи нѐ на играта на животот.
Белешка за авторот:
Иван Сергеевич Тургенев бил руски ракажувач, еден од најзначајните претставници на рускиот реализам. Потекнувал од благородничко семејство, па голем ел од животот го минал во Германија и Франција дружејќи се со познати писатели како Мериме, Браќата Гонкур, Доде, Флобер и Зола. Покрај книгтата „Прва љубов“, тој е автор и н „Ловечките записи“, „Рудин“, „Благородничко гнезо“, „Спроти новите дни“, „Татковци и деца“ и многу други. Во своите романи Тургенев се обидува да одговори на прашањата што пред него ги поставувал општествениот развој на Русија. Тие се нарекуваат романи на карактери, на ликови, затоа што во нив се прикажани карактеристични претставници на руските интелектуалци, нивниот развој, нивната судбина и нивниот однос кон општествената проблематика. Во структурата на романите, како и во новелите, особено место зазема поетскиот пејсаж, потоа дијалозите што се водат меѓу интелектуалците, описите на блгородничките навки а особено внимание им посветено на женските ликови - убави и благородни. Тургенев е прв руски писатл кој уште за време на својот живот станува популарен и на Запад.
Опис на ликови:Владимир - како шеснаесет годишно момче преставено во делото тој е првично срамежлив адолесцент кое додека не ја запознал Занаида, не ги вкусил вистински забранетите плодови на суровата љубов. Потекнувал од благородничко семејство, бил образуван и пристоен.
Зинаида - русокоса убавица која се доселува во близина на Владимир и судејќи по нивните разговори, таа е постара од него нешто помалку од десетина години. Таа, во очите на Владимир, имала совршено извајана фигура, убави гради и руса коса која нежно налегнувала на нејзините рамена. Покрај витката става, начинот на кој таа се носела себеси и нејзината самодоверба биле едни кои го затекнале невиното срце на Владимир.
Лушин - оној кој најмногу му се допаѓал на Владимир, нешто постар од него. Тој бил доктор, исто така занесен по русокосата убавица кој ги разбирал Владимировите страдања и за негово добро го посоветувал да не се приврзува премногу поради ризикот од неостварлива љубов.
Петре - таткото на Владимир со кого тој немал многу блиски односи но секогаш во мислите на својот син тој бил пример за вистински маж - пристоен, секогаш добро облечен и со примерно однесување. Тој бил оној во кого Зинаида се вљубила и тој во неговите мисли засекогаш и останува верен.
No comments:
Post a Comment