„Биди инжинер како тато или доктор како мама“



    Фала богу што завршија периодите кога единствена професија со која би биле задоволни нашите родители и блиски беше да станеш доктор или инжинер.
Или можеби не?

    Сите се сеќаваме на периодите додека бевме мали и сонувавме да станеме астронаути, писатели, актери или можеби балерини. Тогаш нашата имагинација не познаваше граници а уште помалку, немаше слушнато за зборот „невозможно“. Што се случи со тие мечтаења? Зошто ги запоставуваме своите желби и целосно дозволивме да не понесе секојдневието?
„Нема пари од тоа да бидеш сликар, Вера“ или „Ретко кој успеал да се пробие низ музичката сцена, тоа сигурно нема да си ти“ беа само едни од советите кои ги добивав додека растев.
Зарем вреди да ги жртвуваме своите интереси, таленти и потенцијали само за да работиме работа која ќе ни приредува ништо друго освен неисполнетост?
    Млади, амбициозни и полни со визии а сепак толку убедени дека вистинската уметност во работењето е колку цифри содржат месечните примања или дали професијата што ќе ја одберат ќе биде меѓу најбараните во светот.
    Најголемите грешки на родителите се состојат во наметнувањето на соништата врз своите деца, со изговор дека само така ќе успеат.  Но, тоа е само почеток на една животна приказна во која главниот лик се откажува од своите замисли и живее во незадоволство за цена на туѓата среќа.
Иднината на нашата држава во моментов ги спрема своите испити, ги довршува докторските студии или ги поднесува документите за прием во средно училиште.
Но, колку од нив навистина сакаат да се таму?

No comments:

Post a Comment