Здравје - нашето најскапоцено богатство


   Здравјето е едно од оние нешта кои најчесто не ги цениме доволно се додека не се најдеме во ситуација кадешто постои опасност да ги изгубиме. Сетете се кога последен пат сте биле благодарни за вашата благосостојба без никаков повод или причина. Токму поради важноста на здравјето и ситуацијата во којашто моментално се наоѓа целиот свет, овој есеј нека служи како мал потсетник за сето она што вреди многу а може толку лесно да се изгуби.
   Светот веќе неколку месеци макотрпно се бори против нова биолошка закана. Не постои човек кој повеќе не е свесен за тоа колку еден практично нежив организам може да го смени целиот тек на историјата којашто се пишува. Бројот на заболени од актуелниот коронавирус достигна до еден милион, а илјадници луѓе го загубија животот борејќи се против неговата деструктивна природа. Границите на човековата упорност секојдневно се изложени на искушение додека здравствените работници деноноќно пружаат помош на загрозените а сите преостанати функционални професии се сосредочени со ризикот да го нарушат своето здравје.
   Но, и во вакви тешки моменти, човековиот дух покажува дека е многу тешко да биде совладан. Благодарение на социјалните мрежи и материјалот којшто се споделува, ние сме посредни сведоци на сплотеноста на луѓето кои се наоѓаат во ризичните зони.
Соседи од спротивни згради споделуваат музика меѓусебно, музичките проби со отворени прозорци се зачестија, со нетрпение очекуваме да замрат рестрикциите за движење, времето застана а ние сфативме дека пред секој предизвик најважно е да си здрав. Понекогаш се прашувам дали измиените раце ќе ги достигнеа своите заслужени пет минути слава доколку не беше потенцирана нивната важност како превенција против овој вирус? Тешките времиња секогаш носат поука со себе па затоа нека остане незаборавена поуката којашто на потешкиот начин ги укажа нашите пропусти како цивилизација. Рекле дека за еден исплашен човек не постои поголемо охрабрување од стравот на друг човек, а во време на глобална криза каква што е оваа не постои поголема надеж од колективната сплотеност. Се надевам дека по завршувањето на оваа пандемија, секој ќе ја има храброста да го направи она за коешто чекал долго време, секој ќе има можност да ја искаже љубовта на блиските, да ја прифати работата во друг град, да се запише на престижиот факултет или да го основа своето многубројно семејство. Ако има нешто што научивме од оваа закана тоа е дека секој момент е скапоцен, а какво значење има моментот ако не успееме да го доживееме целосно?
   Се надевам дека по завршувањето на чинот кој ја обележа оваа година, човекот ќе одбегнува ризични контакти, ќе ги мие рацете неколку пати дневно, ќе започне секојдневно да употребува гел за дезинфекција, ќе остане дома за да ги заштити своите блиски и најважно од се – ќе се грижи за своето здравје пред да биде предоцна.

No comments:

Post a Comment