Општественото размислување како фактор врз прогресијата на човештвото („Крпен Живот/„Пустина“)

    Македонските писатели, Ѓорѓи Абаџиев и Стале Попов претставуваат неминовни обележја на раното македонско творештво создавајќи дела во приближно ист период а опфаќајќи сродни теми. Во овој есеј би сакала да ги изнесам своите мислења за тоа како општествените норми и опкружувања значително влијаат врз менталитетот и размислувањата како на секој поединец така и на цела една заедница. За таа цел, како водечки пример ги земав делата „Пустина“ од Ѓорѓи Абаџиев и „Крпен Живот“ од Стале Попов.
   „Крпен Живот“ претставува роман кој е заснован на фиктивни личности од страна на писателот додека одвивањето на дејствијата целосно ја реплицира ситуацијата, положбата и карактеристиките на тогашниот македонски народ. Романот ја одработува животната приказна на Илко и Доста кои, иако вдовци, успеваат да изградат заеднички живот и покрај распаднатите темели од претходните обиди. Доста Рожденката била стројна и добро воспитана жена која после работата во Солун како домашна помошничка во рускиот конзул се вратила во Витолиште одново барајќи ја среќата. Во овој дел се забележува заостанатото и неизменето мислење на селаните во Витолиште кои ја презирале Доста, ги исмевале нејзините манири и навики кои за нив биле сосема непознати и апсолутно неправилни бидејќи не се ускладувале со навиките и манирите на останатите во заедницата. Доста била различна од нив, не се вклопувала во поголемата слика поради игнорантноста на соселаните и нивната одбивност тие да разберат зошто таа се издвојува. И покрај многуте неприлики, таа успева да го сочува добро својот брак кој наскоро потоа бил проширенво семејство кога ја родила Неда – своето прво дете.
Уште од најраните времиња улогата на жената била сведена само на репродуктивна дејност, потчинетост и второстепено мислење. Ова може да се потврди со тоа што Неда била првото девојче кое било запишано на училиште. Повторно, се забележува закржлавеноста на човечкиот интелект и способност за размислување кога оваа одлука на Илко и Доста била изложена на осуда и критика од страна на останатите селани. Сепак, истрајноста на ова семејство повторно победува, имено, Неда и второто дете Толе, на крајот од романот прават двојна венчавка со своите избраници пркосејќи им на договорените бракови, откупувањата на невестите како зделки и игнорантноста на народот.
   Додека во „Крпен Живот“ малите отстапки надежно можат да доведат до цивилизирано општество, отворени и недискриминирачки размислувања, романот „Пустина“ обезбедува поинакво гледиште за влијанието на околината врз човековата психа.
   Опишаните настани циркулираат околу животот на двајцата браќа Глигор и Арсо – гемиџии кои заземале дирекно учество во солунските атентати. Како единствени преживеани, тие биле лоцирани и затворени во затвор очекувајќи ја својата смртна казна со бесење. Затворските неприлики, услови и измачувачкото исчекување на судбината различно влијаеле на овие два спротивни светови. Глигор бил постариот брат кој деноноќно неуморно копал тунел за на крај да избега од затворот наспроти својот помал брат Арсо кој се спротиставил на тој предлог и останал во затворот. Кротката, ненаметлива и наивна природа за несреќа совршено се вклопила со затворските ќелии и осаменоста – смртоносна комбинација која го доведува Арсо во состојба на повремени халуцинации, паѓање на моралот и помирување со смртта без трошка борба преостаната надеж.
Постариот брат по некое време повторно е затворен поради своите анти-владини дејности но неговиот темперамент не му дозволува тој да седи мирно па повторно прави планови за бегство. Поради одлучената амнестија смртната казна веќе не претставувала закана за двајцата браќа но истрајноста на Глигор повторно се покажува успешна кога тој го довршува тунелот и бега, додека Арсо извршува самоубиство во својата ќелија оставајќи мала белешка за него со која би оставил свој траг во светот кој го напуштил.

   Иако од горенаведените ставови може да се забележи дека и природата и карактерот на човекот се одлучувачки фактори за насоката на неговите размислувања сепак голема улога имаат и сонародниците кои претставуваат главен извор на предлози и мислења. Имајќи во предвид дека во тогашните услови владееле грчките и бугарските пропаганди било невозможно и забрането проширувањето на мисловните хоризонти со цел да се наметне определен конзервативен начин на живот и потчинување на македонскиот народ. Исто така, различни луѓе различно се борат за она што сакаат да го постигнат. Доста Роженката своевидно ја поттикнала заедницата кон перспективни одлуки, Арсо не видел надеж за искупување во бегствата а Глигор бил неуморен борец кој цврсто ги бранел своите ставови – секое човечко битие пристапило кон предизвикот согласно со тоа колку дозволило поставените општествени лимити да влијаат врз него.

No comments:

Post a Comment